top of page

Аеробен наспроти анаеробен систем - кој е „повеќе“ потребен во карате спортот

  • Writer: T-Aтлетик
    T-Aтлетик
  • Nov 3, 2020
  • 5 min read

Updated: Dec 9, 2020

Според голем број на карате тренери каратето е анаеробен спорт земено во предвид времето и интензитетот на активноста исполнета со експлозивни движења кои доминираат во двете дисциплини, ката и борби. Од друга страна, генерално гледано, секоја активност подолга од две минути во голема мера зависи од ефикасноста на аеробниот систем.


За да изградиме подобра слика на оваа тема, неопходно е да се запознаеме и разграничиме помеѓу аеробни и анаеробни активости и пропратните физиолошки процеси.


Како наставник по физичко и здравствено образование, при претставување на овие два системи, на учениците им кажувам дека едниот се случува во присуство на кислород, а другиот без кислород. Ова e груба и нецелосна дефиниција која е сосема доволна за моите петто одделенци.


Човечкото тело е комплексен организам на кое му е неопходна енергија за оптимална работа. Единствената енергетска единица за телото (клетките) не се шеќерите, мастите или протеините, туку аденозин трифосфат (АТФ). Шеќерите, мастите и во дадени услови протеини се неопходни за обнова на АТФ преку најразлични физиолошки процеси.




Трите мускетари - Еден за сите, сите за еден.

(Оксидативен, гликолитички и фосфаген енергетски систем)


Оксидативен систем


Сите три системи работат заедно, никогаш во изолација, во обезбедување на енергија за телото. Оксидативниот систем обезбедува енергија (АТФ) преку искористување на масти (поголема количина) и јаглехидрати (помала количина). Ова се случува во присуство на кислород без креирање на кислороден долг. (кислородниот долг се јавува на почетокот на активноста. Со адаптирање на телото на интензитетот, истиот набргу исчезнува).


Во овој процес на создавање енергија добиваме јаглероден диоксид, вода, и топлина.


Сето ова се случува додека одите кон вашето доџо, за време на загревање или додека моабетите измеѓу серии. Дадените активности и процесот на обезбедување на енергија се одвиваат во присуство на кислород.


Во текот на денот, кога енергетските потреби се намалени (можеби во овој момент додека го читате овој текст), енергијата доаѓа 80 % од масти и 20% од шеќери. Повторно, ова е упростен пример и претпоставка, со цел да се стави акцент на тоа дека ниеден систем не работи со изолација.

Телото нема прекидач кој одредува кога ќе користиме масти, а кога шеќери за обезбедување на енергија. Сите системи се надополнуваат еден со друг.

Процентот на искористување на масти и шеќери за обезбедување на енергија е афектиран од многу фактори. Можеби вашиот метаболизам е потполно „надвор од контрола“ поради гладување со цел да обезбедите место во дадена тежинска категорија. Како резулатат на ова кортизолот и другите хормони се во дебаланс.


Од друга страна можеби сте потполно запознаени за тоа како вашето тело реагира на одредена храна и самата диета ви овозможува да бидете поефикасни во искористување на масти како извор на енергија.


Размерот на искористување на мастите и јаглехидратите е променлив. Оној момент кога ќе започнете со изведување на карате елементи, екплозивно и со висок интензитет, се зголемува искористувањето на шеќери и гликогенот во мускулите и црниот дроб.


Интензитет


Интензитетот заедно со времетраењето на активноста е важен дел од ревенката, но не и единствен. Степенот на искористување на глукоза зависи од други фактори како вид на исхрана, време на оброци, хормони, суплементација, фитнес ниво и други адаптивни процеси. Ништо не е црно и бело.


Да се вратиме на интензитетот. Како се доближуваме до крајот на борбата или катата, енергетските потреби и начинот на добивање на енергија се менуваат. Способноста на организмот да обезбеди обнова на АТФ и да се ослободи од несакани отпадни производи влијае врз брзината и силовите карактеристики.


Истовремено, телото почнува се повеќе да зависи од гликоличкиот анаеробен енергерски систем. Во вакви услови доаѓа до зголемување на кислородниот долг, акумулирање на отпадни производи и акумулирање на лактати. Сето ова е проследено со чувство на „тешки нозе“, намалена експлозивност и брзина во движењето.


Лактатите се производ на пируватна киселина и хидрогенски јони. Пируватот е формиран во процесот на искористување на глукозата за креирање на АТФ (аденозин трифосфат). Пируватот подоцна се искористува за произведување на дополнителен АТФ преку Кребсовиот циклус.


Телото не е многу ефикасно во рециклирање на пируватната киселина преку Кребсовиот циклусот (релативно спор процес). Со зголемување на интензитетот на вежбање, доаѓа до зголемено акумулирање на пируватна киселина. Во вакви услови, молекула на пируват се поврзува со молекула на хидроген, создавајќи молекула на лактат. Патен, хидрогенскиот дел е „киселиот“ дел во целата приказна околу лактатната киселина.


Лактатите, иако перцепирани како нешто „лошо“ и непожелно, можат да се искористат за енергија. Ефикасноста на овој процес зависи од телото, генетските предиспозиции и видот на тренажен процес.


Повеќе инфорамции околу сите овие процеси можете да најдете овде.



Како сето ова да го претставиме во контекст на карате изведба?


На графикот (долу) е претставена срцева фреквенција за време на изведба на катата Гоџушихо Шо. Она што може да се примети е дека после 45 секунди имаме пораст на срцевата фреквенција (портокалова и црвена зона). Ова е моментот кога телото почнува да зависи од анаеробниот гликолички енергетски систем и неговата способност да се справува со акумулација на лактати (запомнете дека хидрогенските јони се „киселата“ компонента која предизвикува болка и нелагодност).


Имајте во предвид дека ова е само еден индивидуален тест (лично искуство) и истиот го користам само за да ја доловам големата слика.


Прашањето е:


Дали подобрување на аеробниот капацитет би ја поместило линијата на десно (биди график) со што би се одложила акумулацијата на лактати во телото?


Сето ова звучи возможно и логично. Меѓутоа кој би имал поголем бенефит, ката или кумите натпреварувачи? Одговорот сметам дека лежи во самата динамика на овие две карате дисциплини.


На прв поглед, особено кумите натпреварувачите би имале бенефит од ефикасен аеробен систем при самата изведба. Ова произлегува од динамиката на еден кумите меч во кој натпреварувачите периодично, во краток временски интервал, изведуваат експлозивни карате елементи (анаеробен креатин фосфатен систем). Ова е проследено со кратки паузи за судиска одлука. Со ова се овозможува парцијална рекуперација на одредени енергетски системи. Остатокот од времето натпреварувачите го поминаваат во аеробна средина.


https://makfax.com.mk/sport/bronzen-medal-za-emil-pavlov-na-ep-vo-karate-vo-shpanija/



Ката изведбата има малку поинаква динамика. За време на изведбата имаме континуирано движење од став во став проследено со експлозивна изведба на блокови и удари. Сето ова најчесто се случува додека сте ниско спуштени во карате став. Доколку станува збор за ката тим, имаме дополнителна „Butt Kicking“ акција како дел од бункаито.




Со ова немам за цел да дадам слика дека катата е физички понапорна од кумите меч. Истите бараат подеднакво ниво на посветеност и напорна работа. Меѓутоа истите бараат различен тренажен пристап каде покрај развој на аеробниот и анаеробниот (гликолитички) енергетски систем, особено внимание треба да се стави на развој на анаеробниот креатин фосфатен систем (особено за борби).


Во нареден пост ќе обврнеме повеќе внимание на секој енергетски систем одделно и ќе приложиме практични тренажни модалитети за развој на истите.


Сума сумарум


Неоспорно е дека ката и кумите натпреварувачите би имале бенефит од аеробниот систем. Меѓутоа, аеробниот систем никогаш нема да работи во изолација. Истиот секогаш ќе обезбедува енергија во соработка во анаеробниот гликолитички и креатин фосфатен систем.


Comments


bottom of page